MK-PENS – ДИНАМИЧКИ МИКРОСИМУЛАЦИСКИ ПЕНЗИСКИ МОДЕЛ
Finance Think го одржува и го прилагодува MK-Pens – Динамички микросимулациски пензиски модел. MK-Pens има динамичка форма и вклучува движење на индивидуите во временски хоризонт како што тие стареат, ги зема предвид меѓусебните (семејни) врски на лицата во примерокот, нивните бихевиористички реакции и ефектите од промената на нивниот статус на пазарот на трудот врз развојните индикатори. На ваков начин, MK-Pens креира животен пат за секое лице, вклучувајќи веројатност за смрт, промена на економскиот статус, време на пензионирање, заработка и слично (Emmerson et al. 2004).
Првата компонента на динамичноста на MK-Pens е движење на популацијата низ времето. Тоа може да е одредено од статички и динамички компоненти. Кај моделите со статичко стареење на населението, проекциите за него се егзогено зададени, а само се прави репондерирање на групите, без да се променуваат индивидуалните карактеристики низ времето (возраст, промена на економски статус, морталитет и слично) (Merz, 1993; 1994). Додека, кај моделите со динамичко стареење на населението, индивидуалните карактеристики се променуваат ендогено низ времето (Caldwell, 1990), земајќи одредена веројатност за промена на карактеристиките. Бројот на променливи што може да бидат предвидени на динамички начин зависи од расположливоста со податоците, ризиците и можноста да се предвидат веројатностите (Dekkers, 2003). Во нашиот модел, проекциите за фертилитет и вкупно население се егзогено зададени, односно се земени од проекциите на UN-Population (статичка компонента), додека, вкупната смртност е остаток и е калибрирана за да ја реплицира стапката на морталитет објавена од Државниот завод за статистика на Македонија. Но, смртноста на индивидуалните лица во примерокот е изведена од функцијата за здравје (динамичка компонента).
Втората компонента на динамичност е промената на економскиот статус на лицата земајќи ги предвид нивните бихевиористички реакции. Целта на бихевиористичките микросимулации е да се оцени однесувањето на индивидуалните лица како функција од променливи кои се директно зависни од промената на политиката која се симулира (Spadaro, 2007). Пензиската реформа има различни ефекти и ќе предизвика различни однесувања на различни групи во примерокот. Оттука, оценката на индивидуалните однесувања на промената на политиките е значајна за подоцна да се симулираат даноците, надоместоците и трошоците. Индивидуалните лица во моделот се класифицираат во следните категории на економскиот статус: невработен, вработен, неактивни работоспособни лица, пензионери, деца и лица без пензија на возраст над 62/64 години. Главна претпоставка за трансферот од еден во друг економски статус е стапката на вработеност, која е егзогена варијабла, и претпоставката за раст на вработеноста е во просек 4 процентни поени за период пет години, според просечниот годишен раст од изминатите години. Индивидуалните лица добиваат статус на вработен според изведена функција за веројатност за вработување, регресирана од вектор на променливи.
Децата, учениците и пензионерите го променуваат економскиот статус на статички начин, со навршување години низ времето. Децата преминуваат во статус ученици со наполнети 6 години; учениците преминуваат со статус неактивни работоспособни лица со наполнети 15 години; вработените лица преминуваат во пензионери, со исполнети услови за пензионирање. По промената на статусот, моделот прави репондерирање на лицата во примерокот согласно нивниот нов статус. Репондерирањето се прави само за статички детерминираните статуси (деца, ученици, работоспособно неактивно население, и лица во пензионерска возраст без пензија).
Моделот е достапен за заинтересирани страни, само во просториите на Finance Think и под одредени договорни односи. Во случај да сакате да го користите, испратете барање на info@financethink.mk.