Finance Think го честита изборот на новиот Министер за финансии.
Изборот на новата Влада и Министер за финансии се случува во период кога економијата ги чувствува последиците од ширењето на коронавирусот Ковид-19 со силен интензитет. По „затворањето“ на економската активност во април и мај 2020, се очекува БДП да искуси пад од 12.7% во вториот квартал, според проекциите на Finance Think од април 2020. Економската активност почна да заздравува од јуни 2020, но потенцијалното засилување на пандемијата есента 2020 ќе го зголеми и ризикот за остварување на бруто домашниот производ, трговијата и вработеноста. Паралелно, падот на буџетските приходи и потребата да се финансираат здравствениот сектор и мерките на Владата за справување со пандемијата, го зголемиja проектираниот буџетски дефицит на 6.8% за 2020, додека јавниот долг на крајот од вториот квартал 2020 се зголеми на високи 59.5% од БДП.
Оттука, главниот предизвик за новиот Министер за финансии е санирање на последиците од пандемијата врз економијата и јавните финансии, со цел ублажување на очекуваниот економски пад за 2020 и обезбедување план за понатамошно прудентно менаџирање на буџетот. Притоа, фискалниот простор кој беше оценет како тесен и пред пандемијата, сега е понатамошно и значително намален, што ја нагласува потребата тој да се гради одново во пост-Ковид-19 периодот. Ова е особено важно од перспектива на потребата буџетот да обезбеди потенцијална поддршка на:
- Ревитализацијата на економијата, преку евентуална дополнителна поддршка на најпогодените дејности (особено услугите во угостителството и туризмот; види најранливи сектори во економијата);
- Ревитализација на економијата, преку идентификација на пунктовите кои може да бидат носители на растот во пост-Ковид-19 периодот (на пример, поддршка на извозно-ориентираните компании во освојувањето нови пазари или во катализирање нови инвестиции во земјата);
- Други нови или дополнителни мерки, како што е, на пример, потребата да се поддржат работодавачите кои ќе овозможат отсуство на работници со цел грижа за деца во училишна возраст до 10 години кои нема да посетуваат настава. За ова, укажавме и во нашата неодамнешна Студија за политиките 30: Социјалните и економските ефекти од ковид-19 врз децата во Северна Македонија: Брза анализа и препораки за политиката.
Справувањето со последиците од пандемијата неминовно ја зајакнува потребата од понатамошна консолидација на јавните финансии. Притоа, консолидацијата, покрај преку буџетското штедење, мора да продолжи во насока на рационализација на расходната страна на буџетот, вклучително и преку елиминирање секакви можности за нерационално и коруптивно трошење. Рационализацијата на расходите треба да се фокусира врз елиминација на трошења чиј мултипликатор е низок и реалокација на средствата кон трошења со висок мултипликатор.
Фискалната консолидација е неопходна и на приходната страна на буџетот, првенствено преку проширување на даночната основа во услови на непроменети даночни стапки. Тоа подразбира фокусирани напори за намалување на сивата економија, согласно Стратегијата за формализирање на неформалната економија, 2018-2022, која иако не е во директна надлежност на Министерот за финансии, подразбира меѓуресорски координиран пристап со важна улога за ова министерство. Понатаму од борбата со сивата економија, Министерот за финансии ќе мора да предложи ревидиран систем за оданочување на доходот на граѓаните и компаниите, најдоцна до крајот на мандатот. Оваа обврска се наметнува по неуспешниот обид за прогресивно оданочување на доходот во 2019, поради малите ефекти врз доходната еднаквост (во услови на нејзино подобрување, види график) и непосакуваните ефекти на даночно избегнување (види Студија за политиките 24: Добар или лош данок? Оценка на раните ефекти од прогресивниот и повисок данок на доход во Северна Македонија). Finance Think го повикува Министерот да отпочне широка дебата и консултации за ова прашање со сите засегнати страни уште од почетокот на својот мандат, а решението да произлезе низ консензуален процес, со јасна проекција на очекуваните исходи за буџетските приходи и распоредот на доходот на домаќинствата, притоа ставајќи го домаќинството наместо индивидуата во центарот на новиот систем.
Расходната страна на буџетот е тесно поврзана со реализацијата на капиталните расходи. Во периодот јуни 2017 – март 2020, Владата не понуди решение за забрзување на извршувањето на капиталните трошења на државата. Finance Think во повеќе наврати (види, на пример, ФТ Коментар бр. 26 на Предлог-Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година, 12 ноември 2019 и ФТ Став бр. 33 за државните капитални инвестиции) укажуваше дека без промена на моделот за планирање, приоритизација и идентификација на тесните грла во извршувањето, како и ex-ante и ex-post анализа на инвестициските проекти низ призмата на нивниот мултипликативен ефект врз економијата, капиталните расходи и понатаму ќе бидат подреализирани, како што и се случи (види график). Оттука, го повикуваме новиот Министер за финансии уште од самиот почеток да се заложи за подготовка на Програма за јавни инвестиции, преку отпочнување широк консултативен процес со сите засегнати страни, и со експлицитно вклучување ex-ante кост-бенефит анализа на предвидените капитални инвестиции.
Се`уште останува релевантна нашата препорака за понатамошно зајакнување на управувањето со јавните финансии, преку имплементација на најавените структурни реформи. На пример, како и во ФТ Став бр. 18 на промената на клучниот носител на економските политики од 1 јуни 2017 и во ФТ Став бр. 39 на промената на клучниот носител на економските политики од 31 август 2019, укажуваме на неопходноста од донесување на Законот за органски буџет и итно отпочнување на постапката за формирање независно експертско тело Фискален совет, придружено со фискални правила, со цел тоа да врши мониторинг врз извршувањето на фискалната политика и, особено, да има влијание врз динамиканата и користењето на јавниот долг. Во еден од клучните стожери на овие политики, планирање и буџетирање, клучните мерки не се исполнети, или заостануваат. 3 од 5 приоритетни цели за подобрување на планирањето и буџетирањето се неисполнети.