Во ФТ Став бр. 43 за навремени мерки за спас на економската активност од 25 март 2020, Finance Think ја повика Влада на Република Северна Македонија за навремени економски мерки, со добра таргетираност, со цел ублажување на ефектите од ширењето на корона-вирусот Ковид-19 врз економската активност. Finance Think повика и на брза реакција со цел обезбедување јасна насока, посветеност и координираност на различните економски ресори.
И покрај тоа што реакцијата не беше доволно брза согласно на иницијалните очекувања, и покрај тоа што Владата корегираше одредени свои решенија во повеќе наврати, како и покрај тоа што не беа презентирани доволни или доволно убедливи информации за опфатот и трошокот на мерките, сепак објавените три пакети економски мерки се целосно во линија со укажувањата и предлозите од Finance Think од 25 март 2020 (види ФТ Став бр. 43), и тоа како што следи:
- Спасување на платните исплати на фирмите. Во овој столб укажавме на:
„[потребата од] зачувување на работните места и платите на работниците кои не се во производниот процес поради индуцираната контракција и/или кои имаат драстичен пад на приходите.“ (25 март 2020)
Ова наше барање беше адресирано преку две клучни мерки, и тоа:
- Државна помош за фирми со пад во приходите поголем од 30% во април/мај 2020, во износ од 14.500 МКД по вработен за работниците чии плати не надминуваат 39.900 МКД (види Уредба);
- Субвенција на половина од износот за социјални придонеси за фирми со пад во приходите поголем од 30% во април/мај 2020, но најмногу до износ на социјални придонеси на половина од просечната плата (види Уредба);
пришто двата вида помош/субвенции се заемно исклучиви, освен за најпогодените сектори од одделите транспорт и угостителство. Според тоа, за сите останати сектори, субвенционирањето на придонесите изгуби значење како мерка.
Во овој столб укажавме и дека:
„Особено е важно да се задржи врската помеѓу работникот и работодавецот (односно да не дојде до откажување на договорот за вработување), што е клучно за побрз излез од економската криза и брзо повторно воспоставување на производството и подигање на побарувачката веднаш по завршувањето на здравствената криза.“ (25 март 2020)
Двете погоре-наведени уредби овозможуваат користење државна помош доколку бројот на работниците во фирмата остане ист во времетраење на користењето на помошта и два месеца по нејзиното завршување, освен во стриктно-определени случаи, за што апелиравме во ФТ Став бр. 45 за овозможување владина помош во услови на отпуштање работници, што Владата веднаш го прифати.
Во овој столб укажавме дека се неопходни и:
„...кредити овозможени и/или гарантирани од Развојна банка на Северна Македонија АД“
Ова наше барање беше усвоено преку овозможување неколку (тековни и предвидени) кредитни линии за фирмите, со субвенционирана камата.
***
2. Гарантирање на доходот што може да се додели преку шемите за социјално осигурување. Во овој столб, укажавме:
„...да се суспендираат и/или олабават условите за материјална необезбеденост и за докажување на поседувањето недвижен имот и имотни права при барање социјална помош.“ (25 март 2020)
Ова наше барање беше усвоено, со тоа што условите за материјална обезбеденост беа во значајна мера релаксирани, односно се овозможи да се стекне правото на гарантирана минимална помош ако се поседува стан во кој се живее, автомобил постар од 5 години и градежно земјиште помало од 500 м2, услови кои претходно не важеа, како што е наведено во оваа Уредба и нејзината измена;
„...[да] се овозможи секое лице кое ќе изгуби работа поради коронакризата да може да се стекне со право на паричен надомест во времетраење од најмалку шест или девет месеци.“ (25 март 2020)
Ова наше барање беше усвоено, со тоа што времетраењето се постави на два месеца, како што е наведено во оваа Уредба (се`уште не е публикувана).
Во оваа група мерки на Владата се мерките со кои ќе се исплатат еднократни надоместоци на таргетирани, главно доходно-ранливи, групи граѓани. Овие мерки може да дадат позитивен импулс врз потрошувачката, истовремено дополнително помагајќи го доходот на овие граѓани, но нивниот ефект ќе биде еднократен и, оттука, краткотраен. Дополнително, укажуваме дека сите еднократни мерки треба да се однесуваат само на купување домашни производи, а за мерката „викенд без ДДВ“ да се постави горен лимит со цел да не дојде до нејзина злоупотреба.
***
3. Обезбедување на неопходната ликвидност на буџетот. Во овој столб укажавме на потреба од:
„Посветеност кон строга буџетска консолидација ... преку итен и јасен ребаланс на буџетот.“ (25 март 2020)
Ребалансот на Буџетот беше усвоен на 15 мај 2020, што претставува значајно задоцнување, во контект на потребата ребалансот да ја демонстрира посветеноста на Владата кон кратење на сите непродуктивни трошења и трошења кои изгубија приоритет во контекст на кризната состојба. Finance Think ќе се произнесе со подетална анализа на ребалансот на Буџетот, штом тој стане достапен за јавноста.
„Остатокот потребни средства ... да се обезбедат од странски концесионални кредитори, првенствено поради прогресивното замрзнување на приватните финансиски пазари, што може да значи изгубено време за преговарање без гарантиран позитивен исход.“ (25 март 2020)
Согласно на овие прогнози од 25 март 2020, Владата не обезбеди странско приватно финансирање, додека операцијата со која Народна банка на Република Северна Македонија ги олабави условите за запишување благајнички записи, и со тоа му остави простор на Министерство за финансии да се задолжи кај домашниот банкарски систем во износи поголеми од првично планираните, ја оценуваме за соодветна на новонастанатите услови.
Во останатиот дел, средства беа обезбедени од странски концесионални кредитори, и тоа Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската Унија и сл. Сепак, проценуваме дека потребата од обезбедување понатамошно странско финансирање е особено висока, со цел да го осигура просторот за водење лабава монетарна и фискална политика.
***
4. Мерки кои недостигаат. Сепак, и покрај солидниот капацитет на трите пакети економски мерки за апсорбирање на економските последици од корона-кризата, остануваат неколку клучни области за делување чиј фокус е средниот до долгиот рок, и тоа:
- Реализацијата на капиталните инвестиции. И покрај најавата за поголем интензитет на нивно извршување, проблемите сврзани со нив од претходните 2-3 години укажуваат дека без системско решение за планирање, приоритизирање, техничка подготовка и ефикасна реализација, интензивирање на капиталните инвестиции ќе биде скоро невозможно во тековниот конктест. Владата пропушти добра шанса во претходната година да го смени моделот на планирање и извршување на капиталните инвестиции.
- Поддршка на извозно-ориентираните компании. И покрај повисоката претпоставена издржливост на овие компании на шокот од кризата, тие не смеат да бидат надвор од вниманието на носителите на политиките, особено во поглед на нивниот потенцијал преку прилагодувања и брзи преструктуирања да освојат нови пазари кои претходно биле опслужувани од компании лоцирани на подалечни пазари (првенствено во Југоисточна Азија) или да бидат поттик за прилив на нови инвестиции.
***
5. Мерки кои не може да се доведат во директна врска со корона-кризата. Сите мерки кои ја подобруваат конкурентноста на македонската економија се добредојдени и тие може да се важни за среднорочната фаза од заздравувањето. Меѓутоа, нивото ад-хок и директно поврзување со тековната корона-криза, како и наметнување без издржана кост-бенефит анализа и поширока општествена дебата, може да ги отвори прашањата за нивната ефикасност и оправданост на фискалниот трошок.