Владата на Република Северна Македонија усвои Уредба според која условите за користење на мерката за финансиска поддршка на компаниите од 14.500 денари по вработен се унапредуваат со овозможување истовремено искористување на мерката за 50% субвенционирање на социјалните придонеси и со овозможување, под одредени услови, позајмените средства да се претворат во грантови средства. Овие дополнителни услови ќе овозможат понатамошно релаксирање на ликвидносните потреби во услови на економски шок од невидени размери.
Мерката се дополнува и со овозможување компаниите да испуштат одреден процент од работниците, зависно нивната големина, и и понатаму да може да ја искористат мерката, услов кој претходно не постоеше (член 6, став 2). Во нормални услови на работење, флуктуацијата на работната сила е вообичаен процес детерминиран од пазарните услови, и во такви околности отпуштањата се нормален процес. Сепак, моменталните околности се вонредни, а целта на мерките на владата за справување со економските последици од корона-кризата е задржување на работните места, преку обезбедување на ликвидноста во компаниите, односно субвенционирање на нивната кондиција да исплаќаат плати.
Finance Think укажува дека начинот на кој мерката е (ре)дизајнирана отвора простор за нејзина компромитација, во насока на максимизирање на отпуштањето на вработените според дадените максимални лимити на мерката. Ова особено ќе се рефлектира врз работниците на определено работно време.
Затоа, Finance Think апелира мерката да се дообмисли, со допуштање намален број работници по нејзиното користење само во случаи на:
- пензионирање на работник;
- смрт на работник;
- отказ на договорот за вработување од страна на вработениот (член 79 од Законот за работни односи);
- отказ на договорот за вработување од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски без отказен рок (член 82 од ЗРО, документирано во дисциплинска постапка);
- спогодбено преземање работник(ци) кај друг работодавач;
- престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда (член 102 од ЗРО);
- престанување на важноста на договорот за вработување поради трајна неспособност за работа (член 103 од ЗРО).