“Отворен Балкан“ – стимул и притисок за побрзо реформирање на пазарот на труд

Регионалната економска интеграција е од исклучително значење за нашата економија. Земајќи ги предвид нашите аспирации да станеме полноправна членка на Европската Унија, Иницијативата Отворен Балкан треба да овозможи побрзо структурно прилагодување за справување со сите предизвици кои ги носи отворениот пазар.

За да одговориме какви ќе бидат ефектите за пазарот на труд од иницијативата Отворен Балкан, и од процесот на преговори и пристап кон ЕУ, неколку аспекти се значајни. Прво, каква е моменталната структура на пазарот на труд, посебно во поглед на недостигот од одредени категории квалификуван кадар, 2) каква е структурата на платите споредбено со земјите кон кои се отвараме, и 3) колку сме решени и подготвени за структурни промени.

Во нашата студија ја анализиравме побарувачката и понудата за работна сила, според регистрираните невработени лица во Агенцијата за вработување. Во моментот имаме 112 илјади регистрирани невработени лица и побарувачка од компаниите за 2023 година од околу 15000 лица.

Резултатите покажаа дека имаме поларизирана состојба, односно особено суфицитарни јазови кога понудата на невработени лица за одредени занимања е драстично поголема од побарувачката, и дефицитарни јазови кај други занимања. Така, кај занимањата со високи вештини доминираат суфицитарните јазови, постигнувајќи го максимумот кај занимањата кои ги генерираат педагошките факултети, каде што на за едно отворено работно место имаме дури до 75 невработени лица. На другата страна постои дефицитот за работници во услужните дејности и општи работници во различни занимања, посебно помошен персонал.

Предноста од регионалната интеграција и можноста за движење на работната сила е кусоците од работници, особено во пограничните региони, да бидат пополнети со работна сила од соседните земји. Но, постојат и ризици дефицитарните јазовите со високи вештини да се продлабочат, кај занимањата за стручњаци и техничари во информатичко-инженерските области, каде што и мобилноста е стандардно поголема.

Вториот аспект е каква е структурата и премијата на плати и за одредено занимање помеѓу земјите, за едно лице да одлучи да премине на пазарот на труд во соседната земја. Во контекст на Иницијативата отворен Балкан, кај занимањата со ниски вештини веројатно овие премии се ниски или не постојат, земајќи предвид дека и нашата минимална и просечна плата се слични со останатите земји од Западен Балкан. Сепак, за дејностите од сезонски карактер и циклична потреба од работници може да се појават разлики во платите и тоа да предизвика дополнителен притисок на веќе постоечките недостатоци од работници.

На среден рок, Иницијативата Отворен Балкан треба да биде стимул и форма на притисок за побрзо реформирање на пазарите на труд, за да низ пристапните процеси кон ЕУ ние целосно се подготвиме за справување со предизвиците кои ни претстојат. Тие структурни реформи се во прилагодување на образовните политики согласно побарувачката на пазарот на труд, потоа оневозможување на злоупотреба на системот и брза транзиција од систем на социјална поддршка кон систем на вработување и справување со неформалната економија.

Средба за размена на искуства во Албанија

Нашата Благица Петрески учествуваше во размена на искуства помеѓу граѓанските организации од Црна Гора и Србија со тие од Албанија и Северна Македонија, насловена „Улогата на граѓанското општество во процесот на преговори за пристапување во ЕУ“, што се одржа во Тирана, Албанија, 30-31 март 2023, под покровителство на EU TACSO.

Работна средба со директорката на Управа за Јавни Приходи, Сања Лукаревска

На работната средба со директорката на Управа за Јавни Приходи – УЈП Сања Лукаревска, дискутиравме за:
🖇 синергијата помеѓу двете институции,
📑 потребата за анализи кои ќе придонесат кон поефективни мерки и политики, и
🔍справување со сивата економија преку акциски план

Работилници за повеќедимензионалната детска сиромаштија

🎯 Finance Think во партнерство со UNICEF MK спроведе серија од 3 работилници со претставници од клучните институции во сферата на #образованието, #социјалната заштита и #здравството, со цел детално да се проценат причините и ефектите околу повеќедимензионалната сиромаштија што ги засега и децата.
💡 На состаноците се разговараше како подобро да се следи сиромаштијата помеѓу #децата во Северна Македонија, како да се одреди заемно поврзаниот однос меѓу секторските приоритети и постојните политики, вклучително и да се препознаат празнините во сегашните политики и потенцијалните дополнителни мерки за поддршка на ранливите категории.

Нови наоди за последиците од кризата со енергија и храна за домаќинствата

При осмислување на мерките за намалување на кризата со храна и енергија најмногу треба да се мисли на децата

 

Скопје, 28.02.2023: На настан наменет за претставување на наодите од нова анализа за влијанијата од кризата со храна и енергија врз децата и семејствата, претставници на власта, граѓанското општество и партнерите кои ги поддржуваат реформите во земјата дискутираа за препораките за борба против порастот на сиромаштијата.

Новата анализа презентирана од страна на УНИЦЕФ и аналитичкиот центар „Фајненс тинк“ посочува дека околу 33.000 лица, од кои 10.000 деца, се втурнати под прагот на сиромаштијата заради кризата со храна и енергија. И покрај тоа што владините мерки вродија плод да не се зголеми бројот на семејства засегнати од кризата, учесниците на настанот ја истакнаа потребата од попрецизно насочени интервенции за да им се помогне на најранливите домаќинства.

„Министерството за економија од почетокот на енергетската криза континуирано носи мерки за поддршка на граѓаните. Покрај тоа што државата субвенционира 80% од електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, уште минатата година кога започна енергетската криза креиравме посебна Програма во рамки на Министерството за економија преку која се реализираше мерката за субвенционирање на сметката за електрична енергија за ранливи категории на граѓани. Мерката е продолжена и во текот на оваа година,“ изјави министерот за економија Крешник Бектеши.Споредено со 2021, Индексот на трошоци на живот во 2022 година во Северна Македонија пораснал за 14%. Цените на храната во просек пораснале за 22%, додека цените на некои п

рехранбени производи се зголемиле за дури 36%. Овие ценовни шокови несразмерно повеќе ги погодија семејствата со повеќе деца и со пониски приходи, со оглед на поголемиот удел на трошоците за храна и енергија во нивниот домашен буџет. На најранливите делови од населението им остануваат малку пари за задоволување на преостанатите основни потреби.

Енвер Хусеин, заменик министерот за труд и социјална политика истакна дека Министерството за труд и социјална политика обезбедува финансиска поддршка за справување со енергетската криза на ранливите односно социјално исклучените граѓани.
Анализата покажува дека секое трето дете доживеало прехранбена сиромаштија во 2022 година, што е за 9 процентни поени повеќе во споредба со ситуацијата пред кризата. Состојбата е полоша кај семејствата со 3 или повеќе деца. 44% од нив страдаат од прехранбена сиромаштија.

„Јавните расходи мора да обезбедат услугите за децата да не бидат дополнително влошени поради растечките трошоци и падот на јавните приходи. Децата треба да останат во центарот на вниманието на сите национални развојни напори кои ќе обезбедат пристап за секое дете до основни социјални услуги како што се образованието, здравството и детската заштита, без оглед на растечките трошоци за електрична енергија и греење на објектите,“ изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија.

„Јавните расходи мора да обезбедат услугите за децата да не бидат дополнително влошени поради растечките трошоци и падот на јавните приходи.“ изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија.
„Мерките од двата пакети мерки на Владата се проценети како ефективни во распон од 30 до 60%, зависно за која конкретна стапка и за која конкретна популациска група, односно ако не беа мерките, ударот на кризата врз благосостојбата на домаќинствата ќе бил за 40 до 70% поинтензивен,“ рече Марјан Петрески од Фајненс тинк.“ Но, анализата јасно покажува дека мерките им помогнале на сите доходни групи, значи и на оние кои ударот на кризата можеле да го поднесат самите, што создава значителни јавни расходи и создава потреба дополнително да се задолжуваме.“

Препораките за кои се дискутираше на настанот се фокусираа на потребата од обезбедување попрецизно насочена поддршка за намалување на товарот врз децата, како на пример:

  • Проширување на субвенцијата за енергетска сиромаштија за најранливите семејства и олеснување на условите што треба да се исполнат за добивање гарантирана минимална помош за клучните ранливи групи на домаќинства.
    Почести приспособувања на социјалната парична помош со цел нејзино усогласување со растечките цени и зачувување на нејзината вредност.
  • Во контекстот на растечките притисоци врз националниот и општинските буџети, потребно е да се заштитат основните здравствени услуги, социјалната заштита и образованието преку зголемување на ефикасноста, ефективноста и правичноста во трошењето на јавните пари за овие сектори.
  • Воведување програма за бесплатен оброк за учениците, што не само што ќе го подобри пристапот до здрав и хранлив оброк за учениците, туку и ќе ја намали сиромаштијата.

Оваа нова анализа беше направена од страна на аналитичкиот центар „Фајненс тинк“ во партнерство со УНИЦЕФ, како дел од заедничка иницијатива на Обединетите нации за идентификување на системски модалитети за одговор на глобалната криза со храна и енергија. Заедно со УНДП и ФАО, УНИЦЕФ соработува со национални и меѓународни партнери на изнаоѓање одржливи и долгорочни решенија кои ќе одговорат на потребите на ранливите групи, а истовремено ќе значат поддршка за економскиот раст и развој во услови на висока инфлација и скромни финансиски ресурси.

Средба на работната група Отворен Балкан во Белград

Finance Think е дел од регионалната работна група за Иницијативата Отворен Балкан, составена од претставници од Србија, Албанија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, предводена од Libertarijanski Klub -LibeK-.
⏱ Овој викенд, работната група одржува средба во Белград на која се координираат тековните и претстојнте активности.