ФТ Став бр. 52 за ерозијата на довербата во институциите и економските последици

Пандемијата создава сериозни економски последици во секој сегмент од општественото живеење и ефикасното дејствување на институциите помага во ублажување на негативните последици. Во изминатиот период, Finance Think интензивно ги истражуваше негативните ефекти предизвикани од пандемијата и ефективноста на мерките за нивно ублажување. Пандемијата значајно го погоди приватниот сектор (видете Студија бр. 33), посебно земјоделскиот сектор (Бриф бр. 46), ја зголеми невработеноста и пасивизацијата на населението (ФТ Став 49) и ја продлабочи сиромаштијата (вклучувајќи и детската сиромаштија, видете Студија бр. 30).

Понатаму, Finance Think оцени дека потенцијалните (Бриф бр. 43) и преземените мерки (Бриф бр. 41) од страна на државата имаат важно значење за ублажување на идентификуваните проблеми во текот на кризата предизвикана од Ковид-19. Сепак, ублажувањето на економските последици од кризата и поттикнувањето позитивен сентимент во економијата не бара само дизајнирање и објавување на соодветна државна помош, туку и ефикасна реализација (Бриф бр. 44). Со оглед на сериозните последици од кризата врз сиромашните и приватниот сектор и значајноста на државната помош, не е разбирливо однесување на политичките чинители и пратениците во собранискиот дом во блокирањето на носењето закони потребни за реализација на мерките за ублажување на последиците и поттикнување на економијата.

Проблемите на испорачувањето државна помош за погодените од пандемијата е директен резултат на ерозија на довербата во институциите, особено во текот на пандемијата. Одговорни за градењето доверба се екстерните (вон институциите) и интерните (во институциите) политички чинители. Finance Think апелира на конструктивност и ефикасно решавање на предизвиците поврзани со овие проблеми бидејќи поткопувањето на довербата на институциите и блокирањето на процесите ќе предизвика пролонгирана економска стагнација и зголемување на сиромаштијата.

ФТ Став бр. 51 за економските последици од блокадата на Собранието

Во почетокот на март 2021, Finance Think ја корегираше проекцијата за раст на економијата во 2021 на 4.1%, со нагласени ризици за нејзино понатамошно влошување. Веќе во текот на март 2021 забележуваме материјализација на овие ризици, односно 1) избувнувањето на третиот бран од коронавирусот Ковид-19; и 2) продолжената неизвесност околу пристигнувањето на вакцините и отпочнувањето на процесот на масовна имунизација.

На овие два ризици, во моментот интензивно се наметнува политички ризик кој произлегува од блокадата на работата на Собранието на Република Северна Македонија, со исклучителна важност и последици врз економијата и животот на граѓаните. Имено, измина повеќе од еден месец од објавувањето на петтиот пакет мерки, којшто според својот дизајн, во ФТ Став бр. 50 од 17 февруари 2021, го оценивме како главно позитивен и порамнет со реалните можности и очекувања. За потсетување, со исклучок на првиот пакет, останатите три пакети економски мерки од 2020 година пазарот ги оценуваше со воздржаност, поради бавната реализација и иницијалното преценување на нивната вредност (види Бриф за политиките 44 и Инфографикон за износот на потрошените средства). Во моментов, дополнително на ваквата евентуална воздржаност, петтиот пакет се соочува со парламентарна блокада и целосна неизвесност околу неговото имплементирање.

Клучната мерка во овој пакет останува финансиската помош на фирмите во износ од најмалку МКД 14.500 по работно место. Според нашите проценки, во првиот бран (април-јуни 2020), оваа мерка спаси околу 60.000 работни места од вкупно 75.000 кои беа на раб да бидат изгубени (види Бриф за политиките 41). Дополнително, пакетот содржи мерки кои треба да обезбедат побрза транзиција од санирање на социјалните последици од кризата кон поддршка на развојот во процесот на закрепнување и поддршка на основите на растот.

Во таа смисла, задоцнетата реализација или нереализацијата на економските мерки за справување со последиците од коронакризата носи висок ризик од дополнително забавување на економската активност, што ќе се рефлектира врз остварување раст значајно понизок од проектираниот. Потоа, ваквата блокада носи и ризик спасувањето на работните места постигнато во 2020 година сега да биде изгубено, особено во секторите коишто се и понатаму критични: трговијата, транспортот, угостителството, забавата и рекреацијата, и личните услуги.

Finance Think апелира до политичките чинители, првенствено за поголема конструктивност и одговорност на опозицијата, но и за државничка одговорност и респонзивност на власта, со цел итно и неодложно да се изнајде компромисно решение со кое паралементарната блокада ќе биде отстранета. Апелираме политичките чинители да заземат заемно-одговорен однос, со цел да не страда вкупната економија и живеачката на граѓаните, и блокадата да ја разрешат низ транспарентен дијалог во рамки на институциите.

ФТ Став бр. 50 за петтиот пакет економски мерки на Владата поврзани со Ковид-19

Уште во декември 2020, Finance Think ја нагласи потребата од дизајнирање мерки кои ќе претставуваат транзиција од фаза на амортизирање на загубите во фаза на поддршка на економското закрепнување (види Студија за политиките бр. 33 од 29 декември 2020). Пролонгирањето на КОВИД-19 кризата ја отежнува транзицијата кон економско закрепнување.

Петтиот пакет мерки поврзани со кризата со КОВИД-19 е комбинација од мерки кои ги амортизираат загубите (мерки со социјален карактер) и стимулираат економско закрепнување (мерки со развоен карактер). Додека самото објавување на петтиот пакет мерки може да создаде позитивен сентимент во економијата, соодветната реализација е клучна за ефективноста на мерките (види Бриф бр. 44), поради што апелиравме во почетокот на јануари 2021 дека брзоплетото донесување следен пакет мерки без да се има предвид капацитетот за реализација на претходните и новите мерки, носи ризик од нецелосни резултати.

Во таа смисла, подолгиот период на осмислување пакетот да одговара со тековната фаза на економијата, консултациите и сведувањето на обемот (во смисла на финансиската рамка) на пакетот на реалните околности, споредено со претходните четири пакети, се чекори за поздравување.

Finance Think ги дава следните ставови по однос на одделните групи мерки во рамки на петтиот пакет:

  • Субвенционирање плати „14.500 МКД по работник“ и бескаматни кредити насочени кон најпогодените. Поради пролонгирање на КОВИД-19 кризата, ликвидноста на компаниите е се’уште загрозена, ставајќи во опасност голем број работни места. Finance Think укажа дека е рано да се укине мерката за субвенционирање на плати поради нејзината значајност во спасувањето на работните места (види Бриф бр. 41) и ја поздравува одлуката на Владата да ја продолжи мерката за месеците февруари и март 2021. Според нашите пресметки од 14 јануари 2021, опфатот на мерката ќе биде околу 68.000 работници, со месечен трошок од 16.7 милиони евра, односно 33.3 милиони евра за двата месеца, што е во линија со проекциите на Владата. Притоа, под претпоставка дека процесот на вакцинирање значајно ќе напредува до јуни 2021, Finance Think укажува дека помошта преку мерката „14.500 МКД по работник“ за овие два месеци треба да се смета за последна.

Исто така, Finance Think смета дека исклучивоста помеѓу мерките „субвенции за плати од 14.500 МКД по работник“ и „бескаматни кредити за најпогодените сектори“ е соодветна. Но, укажува дека двете мерки не се неопходно целосно заменливи. Бескаматните кредити се однесуваат повеќе на фазата на закрепнување, фаза во која се’уште не се наоѓаат значаен дел од компаниите во туризмот и угостителството и дел од компаниите во некои гранки од преработувачката индустрија (кои тргуваат со земји кои се се’уште во значаен локдаун). Бескаматните кредити би предизвикале поттик во унапредувањето на технолошкото ниво, посебно кај извозниците во преработувачката индустрија (види Бриф бр. 47). Дополнително, бескаматни кредити како замена за поддршка на платите може да се понудат само со исклучително строга контрола на трошењето на тие средства за задржување на работниците, за што државата ќе треба да потроши многу ресурси (интензивен ангажман на Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд), но без гаранција за крајниот ефект.

  • Укинување и намалување на царински стапки и ревидирање на Царинскиот тарифник. Finance Think ја поздравува оваа мерка која е во линија со нашите препораки од Студијата за политиките бр. 33. Укинувањето и намалувањето на царинските стапки и усогласувањето на царинските стапки согласно ЕУ би предизвикало зголемување на инвестициите, производството и конкурентноста на извозниците во Северна Македонија. Дополнително, тие би ја направиле земјата поатрактивна дестинација за привлекување нови производни линии од матичните компании на извозниците присутни во Северна Македонија. Оваа мерка во иднина би можела да биде надополнета со укинување или намалување на увозни давачки за набавки на машини и опрема, што дополнително би ги зголемило инвестициите и конкурентноста на компаниите (види Бриф бр. 47).
  • Фонд за поддршка на извозни компании, грантови за технолошки развој преку ФИТР, кредитни гаранции за мали и средни компании и мерки за дигитализација. Овие мерки се исклучително значајни, со оглед дека содржат развојна компонента. Иако извозниците значајно ги амортизираа загубите во доходот, посебно поради шоковите во надворешната трговија, сепак се соочија со одредени ограничувања (види Бриф бр. 45). Фондот за поддршка на извозните компании треба да ги има предвид тие ограничувања при канализирањето на поддршката. На пример, кредитните гаранции ќе овозможат надминување на ограничувањата во пристапот до финансии. Грантовите за технолошки развој би биле комплементарни на бескаматните долгорочни кредити при стимулирањето на технолошкиот напредок на компаниите. Мерките за дигитализација треба да го искористат притисокот од пандемијата врз компаниите да имплементираат долгорочни решенија за овозможување „работа од дома“, online продажба и др.
  • Простување долгови. Finance Think укажува на потребата од голема внимателност при дизајнирањето на ваков тип мерки. Додека простувањето долгови може да биде есенцијално во амортизирањето на загубите и за товарот врз ликвидноста во текот на пандемијата, овие мерки се подложни на морален хазард. Ваквите мерки може да го променат однесувањето на примателите на помошта во поглед на нивната зависност од неа и нивно идно поризично однесување очекувајќи дека повторно ќе добијат ваква помош.
  • Поддршка на тутунари и извозници на грозје. Finance Think смета дека парцијалната поддршка на земјоделците создава погрешни очекувања за постојана компензација на незадоволството од пазарните услови кај одделни групи производи, за коишто пак и не постои гаранција дека се тесно и директно поврзани со Ковид-19 кризата. Наместо тоа, кон фактот дека земјоделскиот сектор беше еден од најпогодените од кризата треба да се пријде со прилагодување на тековните мерки, за тие да ги опфатат и земјоделците, особено мерката „14.500 МКД по работник“, како и кредитните гаранции, фондот за извозници и евентуално воспоставување еднократни грантови за мали земјоделски стопанства. Овие препораки може да се видат во нашиот Бриф бр. 46.

ФТ Став бр. 49 за невработеноста во време на Ковид-19

Според Државниот завод за статистика, во периодот од април до септември 2020 година, што е периодот на пандемијата од коронавирусот Ковид-19, бројот на вработени лица се намалил за 25.500 лица, од кои 17.700 лица во вториот квартал, а остатокот од близу 8.000 лица во третиот квартал. Во истиот период, бројот на невработени останал скоро ист (односно забележано е дури и мало намалување од илјада лица).

Според Агенцијата за вработување, во истиот период, бројот на регистрирани невработени се зголемил за 43.600 лица.

Поради тоа што двата извора на информации за (не)вработеноста упатуваат на релативно различни движења, во јавноста оправдано се наметнува дебатата за тоа што навистина се случува со пазарот на трудот во Северна Македонија во време на пандемијата.

Најпрво, потребно е да се забележи дека двата извора на информации се различни. Официјалната вработеност и невработеност се објавува од Државниот завод за статистика, врз основа на методологија од Меѓународната организација на трудот. Според неа за невработени се сметаат лицата кои во неделата која претходела на анкетирањето не извршувале било каква работна активност, редовна или повремена, во времетраење од најмалку еден час, а притоа продолжиле активно да бараат работа и биле подготвени да ја прифатат доколку им биде понудена.

Бројките кои ги објавува Агенцијата за вработување се т.н. регистрирана вработеност и невработеност. Според нив, активно невработено лице се смета пријавено лице во АВРСМ кое нема работа и активно бара, според активности дефинирани во индивидуалниот план за вработување кој се води при АВРСМ и со обврска за месечно пријавување во Агенцијата. Останатите лица кои активно не бараат работа се водат во категоријата „други баратели на работа“. Но, карактеристично е што доколку активниот барател на работа не ја извршува својата обврска за месечно пријавување, кој одбил да заснова работен однос понуден од Агенцијата или одбил преквалификација се брише од евиденцијата на невработени лица.

Според последните податоци на АВРСМ, за периодот март-октомври 2020, состојбата со регистрираната невработеност е претставена на следната слика:

Имено, обемот на нови регистрирани невработени во текот на кризата потекнува од околу 16 илјади лица кои изгубиле работа, ново-пријавени невработени од околу 11 илјади, и нов прилив во регистрираната невработеност од околу 20 илјади.

Првото клучно прашање е дали бројот на регистрирани лица кои изгубиле работа (прилив во невработени од работен однос) дава доволна слика за пазарот на трудот во време на пандемијата од Ковид-19?

Одговорот е НЕ.

Второто клучно прашање е дали непроменетата стапка на невработеност објавена од ДЗС дава доволна слика за пазарот на трудот во време на пандемијата од Ковид-19?

Одговорот е НЕ.

При интерпретацијата на бројките за невработеноста е неопходнен поширок поглед на пазарот на трудот и крајна внимателност од носителите на политиките.

Причините за тоа се следни:

Прво, точно е дека околу 16 илјади лица изгубиле работа регулирана со договор за вработување, односно 25 илјади лица било каква работна активност (вклучително и неформално вработување) во текот на пандемијата, што е 2-3% од вкупната вработеност. Тоа е во линија со наодите на Finance Think презентирани во Бриф за политиките бр. 41: Дали беше неопходна финансиската поддршка на фирмите за задржување на работните места во време на Ковид-19?, според кој се очекуваше и се потврди дека клучната владина анти-Ковид-19 мерка „14.500 МКД по вработен месечно“ ќе придонесе кон релативно (времено) задржување на вработеноста, со очекување дека и шокот од пандемијата е од времен карактер.

Второ, сепак, притисокот на пазарот на трудот не се сведува само на овие 16 односно 25 илјади лица кои изгубиле работа. Имено, на пазарот има постојан прилив на лица кои првпат се пријавуваат во АВРСМ. Тоа се вообичаено ученици и студенти кои завршуваат со своето школување и првпат се регистрираат на пазарот на труд (т.н. entrants). Во набљудуваниот период, бројот на овие лица бил околу 11 илјади, а во истиот период од 2019 бил околу 7 илјади, што имплицира дека тој притисок се зголемил за повеќе од 50%. Имено, овие лица се соочени со значајно зголемен ризик од ненаоѓање работа, поради што се пријавуваат како активни баратели на работа во АВРСМ, почесто од тоа што се пријавувале во нормални околности. Слика 2 укажува дека побарувачката на работна сила во вториот квартал, во најпогодените сектори, значајно се намалила, што е приближен приказ на тоа дека притисокот на пазарот на трудот за подолго останување во состојба на (регистрирана) невработеност се зголемил.

Трето, најкарактеристична е регистрираната активација на над 20 илјади лица, кои претходно ги немало во регистрацијата на АВРСМ. Причините за тоа што ги немало во регистрираната невработеност не се детално познати, но тоа се: i) лица кои изгубиле надеж дека АВРСМ ќе им помогне да најдат работа, но притоа останале подготвени да прифатат работа надвор од државниот систем на посредување; ii) лица кои имале повремена, привремена или хонорарна работа, iii) лица со неформална работа (работа во сива економија); како и iv) лица кои евентуално не биле присутни во државата; поради што ваквите под-групи ги немало ниту во регистрираната вработеност ниту во регистрираната невработеност при АВРСМ.

Дел од новорегистрираните невработени во АВРСМ се секако и де-факто пасивни, односно ниту бараат работа, ниту се спремни да почнат доколку им се понуди, но се пријавиле како активни баратели на работа со цел да се стекнат со некое друго право (како на пример, правото на користење платежна картичка за државна помош). На тоа укажува и фактот од официјалната статистика на ДЗС според кој во време на пандемијата настанало драстично фактичко пасивизирање на населението за нови 26.500 лица. Фактичката пасивизација е особено изразена кај лицата со пониско образование и кај жените, кои и почесто вработување наоѓаа во најпогодените сектори од кризата.

Тоа го потврдува и нашата публикација Квалитет на живот бр. 3: „Економските ефекти од корона-кризата“, во која документиравме дека при ударот на Ковид-19, 1/3 од лицата без работа изгубиле надеж дека ќе најдат.

Оттука, во моментов, главната грижа на пазарот на труд не се невработените во целина, туку лицата кои изгубиле надеж дека ќе најдат вработување, и поради што се откажале од барање работа; како и лицата кои првпат транзитираат од образование на пазарот на трудот. Тие лица треба да бидат во фокусот на носителите на политиките, барем на исто ниво како што во фокус се вработените во погодените компании.

Finance Think упатува апел до носителите на политиките во сферата на пазарот на трудот да посветат особена внимателност кај лицата кои првпат се пријавуваат или се враќаат во системот за државно посредување при вработување, иако тие фактички изгубиле надеж за наоѓање работа. Имено:

  • Од една страна, со цел оваа слика да не се изобличува, ја повикуваме Владата да не го користи критериумот за „активно барање работа“ при доделување државна помош на лица. За овие помошти доволен е критериумот за остварениот доход по која било основа во одреден период пред доделување на помошта;

 

  • Сепак, од друга страна, неопходна е активност на АВРСМ со која ќе се ограничи фактичката пасивизација на барателите на работа. Во таа насока, неопходно е да се подигне интензитетот и ефикасноста на мерките за побрзо вклучување во пазарот на труд и вработување, како на пример преку системот на профилирање и вкрстување со пазарната побарувачка, зголемување на издашноста на активните мерки за вработување, особено пак имајќи предвид дека во третиот квартал побарувачката за работна сила се врати скоро на пред-пандемиското ниво, иако со ризик од повторно опаѓање во четвртиот квартал.

ФТ Став бр. 48 за предизвиците на носителот на политиките во сферата на трудот и социјалната политика

Finance Think го честита изборот на новата Министерка за труд и социјална политика.

Изборот на новата Влада и Министерка за труд и социјална политика се случува во период кога економијата ги чувствува последиците од ширењето на коронавирусот Ковид-19 со силен интензитет. Според нашата Студија за политиките 30: Социјалните и економските ефекти од ковид-19 врз децата во Северна Македонија: Брза анализа и препораки за политиката, ефектот од пандемијата врз детската сиромаштија е проценет на 4 процентни поени (пораст од 29.3% на 33.3%), додека ефектот врз вкупната сиромаштија се очекува да биде од слична големина*. Истовремено, по децениското намалување, невработеноста забележува зголемување за над 15.000 лица помеѓу февруари и мај 2020**, иако според проценките од Finance Think (види Бриф за политиките бр. 41: Дали беше неопходна финансиската поддршка на фирмите за задржување на работните места во време на Ковид-19?), владините мерки за борба со економските ефекти од Ковид-19 спасиле околу 60.000 работни места од затварање.

Оттука, главниот предизвик за новата Министерка за труд и социјална политика е санирање на последиците од пандемијата врз животниот стандард на населението, со цел влошувањето на сиромаштијата, губањето на работните места и намалувањето на можностите за вработување да бидат што помали. Во таа насока, правците на дејствување на Министерката во следните домени се од клучно значење за пазарот на труд и системот на социјална заштита.

Прво, Владата се обврза на минимална плата од 20.000 денари во 2024 година. Ова е особено важно ако се има предвид дека моменталната минимална нето плата изнесува 14.928 денари, а нејзиното зголемување е во спротивност со моменталниот притисок на пазарот на труд во поглед на невработеноста. Дополнително, според нашата евалуација на изборните програми во социјалниот домен (види Квалитет на живот 4: „Може ли економијата да ги издржи економските изборни ветувања?“), минимална плата која е конзистентна со порастот на продуктивноста – за што повика и ММФ во Завршниот извештај од мисијата сврзана со Член 4 – во 2024 година изнесува 16.228 денари.

Второ, Владата се обврза на просечна плата од 34.000 денари во 2024 година. Иако, во моментот, пандемијата не предизвикува значајни негативни ефекти врз платите (види последен податок за плати), со исклучок на неколку дејности, а што веројатно во голема мера се должи на субвенционирањето на придонесите (види график), според нашите проекции, просечната плата во 2024 се очекува да достигне 30.961 денари. Според тоа, ја повикуваме Министерката да образложи врз кои основи ќе растат минималната и просечната плата во претстојниот период и дали Владата опстојува на предизборните износи.

Трето, консолидацијата на пензискиот систем е неопходно да продолжи по воспоставената патека од 2019 година, која беше прекината во 2020. Тоа подразбира дека пензиите ќе се усогласуваат со трошоците на живот, со цел одржување на животниот стандард на пензионерите. Предвиденото зголемување на минималната пензија на 10.700 денари ќе изврши неповолно влијание врз пензискиот дефицит, но ефектот нема да биде драстичен. Во секој случај, Министерката е неопходно да ја продлабочи дебатата за пензиската реформа во следните 5 години, во насока на корекциите кај повеќе параметри, како износот на пензиите, заменските стапки, висината на пензискиот придонес, возраста за пензионирање, итн., со цел на среден рок значајно да се зајакне одржливоста на пензискиот систем.

Четврто, реформата на системот на социјална помош и социјални услуги во периодот 2017-2019 година изврши позитивни ефекти врз социјалната заштита на ранливите категории граѓани (види Студија за политиките 31: Социјалните услуги во општините во Северна Македонија: Капацитет, ризици, потреби). Сепак, во оваа област остануваат неколку предизвици: 1. подобрување на таргетирањето на социјалната помош треба да биде перманентен процес, со цел таа да стигнува до оние на кои им е најпотребна, а со цел искоренување на апсолутната сиромаштија во земјата; 2. подигнувањето на системот за интегрирано управување со случај останува предизвик, главно во поглед на поврзувањето на Центрите за социјална работа и Центрите за вработување, со цел лица кои се во системот на социјална помош, а кои се работоспособни, да може побрзо, полесно и посоодветно да се активираат на пазарот на труд и да најдат вработување. Оваа функција на системот е особено важна во и по периодот на Ковид-19 криза, со оглед на растечкиот број лица кои остануваат без работа, и дел од кои ќе спаднат под системот на гарантирана минимална помош; 3. процесот на деинституционализација – еден од најуспешните скорешни процеси во сферата на социјалната политика – да се доведе до целосно заокружување.

Петто, кризата со Ковид-19 откри една слаба алка во системот на социјална заштита – осигурувањето во случај на невработеност. Според моменталното законско решение, право на паричен надомест од невработеност стекнуваат само лицата кои изгубиле работа по вина на работодавачот, но не и оние кои изгубиле работа по своја вина или кои спогодбено го напуштиле работното место. Дополнително, сегашната поставеност доделува помош за многу краток временски период и прелиминарните наоди*** покажуваат дека ефектите не се различни од нула. Посткризниот период треба да се искористи за ревизија на Законот за осигурување во случај на невработеност, со цел да се дизајнира решение кое ќе врши вистинска социјална заштита кај лица кои остануваат без работа, а истовремено нема да го дестимулира понатамошното барање работа ниту ќе поттикнува долги периоди на фрикциска невработеност. Во истата насока, претстојниот период треба да се искористи за реоценка на ефектите од активните мерки за вработување и нивно прилагодување кон променетите потреби и на работниците, на невработените лица, и на работодавачите како резултат на пандемијата.

Шесто, децата, младите и жените, да останат во фокусот на Министерката, како категории кои се сметаат за ризични и ранливи и на пазарот на труд и во социјалната заштита. Фокусот врз децата треба да биде ре-воспоставен, особено имајќи предвид дека нашата Студија за политиките 30: Социјалните и економските ефекти од ковид-19 врз децата во Северна Македонија: Брза анализа и препораки за политиката најде дека ниедна од мерките за справување со последиците од Ковид-19 не беше директно насочена кон децата. Кај младите, првенствено е потребно да се изврши ригорозно оценување на прелиминарно-позитивните ефекти од проектот „Гаранција за млади“, а потоа да се согледа дали е неопходно негово калибрирање кон условите зададени со Ковид-19. Кај жените, амбицијата за родова еднаквост во македонското општество треба да продолжи, првенствено преку дизајнирање нова Стратегија за родова еднаквост, а потоа и преку конкретен сет од мерки со кои таа ќе се поттикнува и негува. Некои неодамнешни придобивки – најзначајно, елиминирањето на суровиот родов јаз во платите (види график) и сведувањето на прилагодениот родов јаз во платите на само 8% во 2019 (види график) – неопходно е да се одржат.


* Finance Think работи на проценка на ефектите од Ковид-19 врз сиромаштијата во Северна Македонија и резултатите се очекува да се објават кон крајот на септември 2020.
** Податоците по мај 2020 не се достапни во време на објавување на овој ФТ Став.
*** Симулации на ефектите од надоместот во случај на невработеност, кои Finance Think ги изведе во МК-МОД Микросимулациски модел за даноци и надоместоци – се`уште необјавени.

ФТ Став бр. 47 за предизвиците на носителот на политиките во сферата на финансиите

Finance Think го честита изборот на новиот Министер за финансии.

Изборот на новата Влада и Министер за финансии се случува во период кога економијата ги чувствува последиците од ширењето на коронавирусот Ковид-19 со силен интензитет. По „затворањето“ на економската активност во април и мај 2020, се очекува БДП да искуси пад од 12.7% во вториот квартал, според проекциите на Finance Think од април 2020. Економската активност почна да заздравува од јуни 2020, но потенцијалното засилување на пандемијата есента 2020 ќе го зголеми и ризикот за остварување на бруто домашниот производ, трговијата и вработеноста. Паралелно, падот на буџетските приходи и потребата да се финансираат здравствениот сектор и мерките на Владата за справување со пандемијата, го зголемиja проектираниот буџетски дефицит на 6.8% за 2020, додека јавниот долг на крајот од вториот квартал 2020 се зголеми на високи 59.5% од БДП.

Оттука, главниот предизвик за новиот Министер за финансии е санирање на последиците од пандемијата врз економијата и јавните финансии, со цел ублажување на очекуваниот економски пад за 2020 и обезбедување план за понатамошно прудентно менаџирање на буџетот. Притоа, фискалниот простор кој беше оценет како тесен и пред пандемијата, сега е понатамошно и значително намален, што ја нагласува потребата тој да се гради одново во пост-Ковид-19 периодот. Ова е особено важно од перспектива на потребата буџетот да обезбеди потенцијална поддршка на:

  1. Ревитализацијата на економијата, преку евентуална дополнителна поддршка на најпогодените дејности (особено услугите во угостителството и туризмот; види најранливи сектори во економијата);
  2. Ревитализација на економијата, преку идентификација на пунктовите кои може да бидат носители на растот во пост-Ковид-19 периодот (на пример, поддршка на извозно-ориентираните компании во освојувањето нови пазари или во катализирање нови инвестиции во земјата);
  3. Други нови или дополнителни мерки, како што е, на пример, потребата да се поддржат работодавачите кои ќе овозможат отсуство на работници со цел грижа за деца во училишна возраст до 10 години кои нема да посетуваат настава. За ова, укажавме и во нашата неодамнешна Студија за политиките 30: Социјалните и економските ефекти од ковид-19 врз децата во Северна Македонија: Брза анализа и препораки за политиката.

Справувањето со последиците од пандемијата неминовно ја зајакнува потребата од понатамошна консолидација на јавните финансии. Притоа, консолидацијата, покрај преку буџетското штедење, мора да продолжи во насока на рационализација на расходната страна на буџетот, вклучително и преку елиминирање секакви можности за нерационално и коруптивно трошење. Рационализацијата на расходите треба да се фокусира врз елиминација на трошења чиј мултипликатор е низок и реалокација на средствата кон трошења со висок мултипликатор.

Фискалната консолидација е неопходна и на приходната страна на буџетот, првенствено преку проширување на даночната основа во услови на непроменети даночни стапки. Тоа подразбира фокусирани напори за намалување на сивата економија, согласно Стратегијата за формализирање на неформалната економија, 2018-2022, која иако не е во директна надлежност на Министерот за финансии, подразбира меѓуресорски координиран пристап со важна улога за ова министерство. Понатаму од борбата со сивата економија, Министерот за финансии ќе мора да предложи ревидиран систем за оданочување на доходот на граѓаните и компаниите, најдоцна до крајот на мандатот. Оваа обврска се наметнува по неуспешниот обид за прогресивно оданочување на доходот во 2019, поради малите ефекти врз доходната еднаквост (во услови на нејзино подобрување, види график) и непосакуваните ефекти на даночно избегнување (види Студија за политиките 24: Добар или лош данок? Оценка на раните ефекти од прогресивниот и повисок данок на доход во Северна Македонија). Finance Think го повикува Министерот да отпочне широка дебата и консултации за ова прашање со сите засегнати страни уште од почетокот на својот мандат, а решението да произлезе низ консензуален процес, со јасна проекција на очекуваните исходи за буџетските приходи и распоредот на доходот на домаќинствата, притоа ставајќи го домаќинството наместо индивидуата во центарот на новиот систем.

Расходната страна на буџетот е тесно поврзана со реализацијата на капиталните расходи. Во периодот јуни 2017 – март 2020, Владата не понуди решение за забрзување на извршувањето на капиталните трошења на државата. Finance Think во повеќе наврати (види, на пример, ФТ Коментар бр. 26 на Предлог-Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година, 12 ноември 2019 и ФТ Став бр. 33 за државните капитални инвестиции) укажуваше дека без промена на моделот за планирање, приоритизација и идентификација на тесните грла во извршувањето, како и ex-ante и ex-post анализа на инвестициските проекти низ призмата на нивниот мултипликативен ефект врз економијата, капиталните расходи и понатаму ќе бидат подреализирани, како што и се случи (види график). Оттука, го повикуваме новиот Министер за финансии уште од самиот почеток да се заложи за подготовка на Програма за јавни инвестиции, преку отпочнување широк консултативен процес со сите засегнати страни, и со експлицитно вклучување ex-ante кост-бенефит анализа на предвидените капитални инвестиции.

Се`уште останува релевантна нашата препорака за понатамошно зајакнување на управувањето со јавните финансии, преку имплементација на најавените структурни реформи. На пример, како и во ФТ Став бр. 18 на промената на клучниот носител на економските политики од 1 јуни 2017 и во ФТ Став бр. 39 на промената на клучниот носител на економските политики од 31 август 2019, укажуваме на неопходноста од донесување на Законот за органски буџет и итно отпочнување на постапката за формирање независно експертско тело Фискален совет, придружено со фискални правила, со цел тоа да врши мониторинг врз извршувањето на фискалната политика и, особено, да има влијание врз динамиканата и користењето на јавниот долг. Во еден од клучните стожери на овие политики, планирање и буџетирање, клучните мерки не се исполнети, или заостануваат. 3 од 5 приоритетни цели за подобрување на планирањето и буџетирањето се неисполнети.

ФТ Став бр. 46 за сите економски мерки на Владата сврзани со Ковид-19

Во ФТ Став бр. 43 за навремени мерки за спас на економската активност од 25 март 2020, Finance Think ја повика Влада на Република Северна Македонија за навремени економски мерки, со добра таргетираност, со цел ублажување на ефектите од ширењето на корона-вирусот Ковид-19 врз економската активност. Finance Think повика и на брза реакција со цел обезбедување јасна насока, посветеност и координираност на различните економски ресори.
И покрај тоа што реакцијата не беше доволно брза согласно на иницијалните очекувања, и покрај тоа што Владата корегираше одредени свои решенија во повеќе наврати, како и покрај тоа што не беа презентирани доволни или доволно убедливи информации за опфатот и трошокот на мерките, сепак објавените три пакети економски мерки се целосно во линија со укажувањата и предлозите од Finance Think од 25 март 2020 (види ФТ Став бр. 43), и тоа како што следи:
  1. Спасување на платните исплати на фирмите. Во овој столб укажавме на:
„[потребата од] зачувување на работните места и платите на работниците кои не се во производниот процес поради индуцираната контракција и/или кои имаат драстичен пад на приходите.“ (25 март 2020)
Ова наше барање беше адресирано преку две клучни мерки, и тоа:
  1. Државна помош за фирми со пад во приходите поголем од 30% во април/мај 2020, во износ од 14.500 МКД по вработен за работниците чии плати не надминуваат 39.900 МКД (види Уредба);
  2. Субвенција на половина од износот за социјални придонеси за фирми со пад во приходите поголем од 30% во април/мај 2020, но најмногу до износ на социјални придонеси на половина од просечната плата (види Уредба);
пришто двата вида помош/субвенции се заемно исклучиви, освен за најпогодените сектори од одделите транспорт и угостителство. Според тоа, за сите останати сектори, субвенционирањето на придонесите изгуби значење како мерка.
Во овој столб укажавме и дека:
„Особено е важно да се задржи врската помеѓу работникот и работодавецот (односно да не дојде до откажување на договорот за вработување), што е клучно за побрз излез од економската криза и брзо повторно воспоставување на производството и подигање на побарувачката веднаш по завршувањето на здравствената криза.“ (25 март 2020)
Двете погоре-наведени уредби овозможуваат користење државна помош доколку бројот на работниците во фирмата остане ист во времетраење на користењето на помошта и два месеца по нејзиното завршување, освен во стриктно-определени случаи, за што апелиравме во ФТ Став бр. 45 за овозможување владина помош во услови на отпуштање работници, што Владата веднаш го прифати.
Во овој столб укажавме дека се неопходни и:
„...кредити овозможени и/или гарантирани од Развојна банка на Северна Македонија АД
Ова наше барање беше усвоено преку овозможување неколку (тековни и предвидени) кредитни линии за фирмите, со субвенционирана камата.
***
2. Гарантирање на доходот што може да се додели преку шемите за социјално осигурување. Во овој столб, укажавме:
„...да се суспендираат и/или олабават условите за материјална необезбеденост и за докажување на поседувањето недвижен имот и имотни права при барање социјална помош.“ (25 март 2020)
Ова наше барање беше усвоено, со тоа што условите за материјална обезбеденост беа во значајна мера релаксирани, односно се овозможи да се стекне правото на гарантирана минимална помош ако се поседува стан во кој се живее, автомобил постар од 5 години и градежно земјиште помало од 500 м2, услови кои претходно не важеа, како што е наведено во оваа Уредба и нејзината измена;
„...[да] се овозможи секое лице кое ќе изгуби работа поради коронакризата да може да се стекне со право на паричен надомест во времетраење од најмалку шест или девет месеци.“ (25 март 2020)
Ова наше барање беше усвоено, со тоа што времетраењето се постави на два месеца, како што е наведено во оваа Уредба (се`уште не е публикувана).
Во оваа група мерки на Владата се мерките со кои ќе се исплатат еднократни надоместоци на таргетирани, главно доходно-ранливи, групи граѓани. Овие мерки може да дадат позитивен импулс врз потрошувачката, истовремено дополнително помагајќи го доходот на овие граѓани, но нивниот ефект ќе биде еднократен и, оттука, краткотраен. Дополнително, укажуваме дека сите еднократни мерки треба да се однесуваат само на купување домашни производи, а за мерката „викенд без ДДВ“ да се постави горен лимит со цел да не дојде до нејзина злоупотреба.
***
3. Обезбедување на неопходната ликвидност на буџетот. Во овој столб укажавме на потреба од:
„Посветеност кон строга буџетска консолидација ... преку итен и јасен ребаланс на буџетот.“ (25 март 2020)
Ребалансот на Буџетот беше усвоен на 15 мај 2020, што претставува значајно задоцнување, во контект на потребата ребалансот да ја демонстрира посветеноста на Владата кон кратење на сите непродуктивни трошења и трошења кои изгубија приоритет во контекст на кризната состојба. Finance Think ќе се произнесе со подетална анализа на ребалансот на Буџетот, штом тој стане достапен за јавноста.
„Остатокот потребни средства ... да се обезбедат од странски концесионални кредитори, првенствено поради прогресивното замрзнување на приватните финансиски пазари, што може да значи изгубено време за преговарање без гарантиран позитивен исход.“ (25 март 2020)
Согласно на овие прогнози од 25 март 2020, Владата не обезбеди странско приватно финансирање, додека операцијата со која Народна банка на Република Северна Македонија ги олабави условите за запишување благајнички записи, и со тоа му остави простор на Министерство за финансии да се задолжи кај домашниот банкарски систем во износи поголеми од првично планираните, ја оценуваме за соодветна на новонастанатите услови.
Во останатиот дел, средства беа обезбедени од странски концесионални кредитори, и тоа Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската Унија и сл. Сепак, проценуваме дека потребата од обезбедување понатамошно странско финансирање е особено висока, со цел да го осигура просторот за водење лабава монетарна и фискална политика.
***
4. Мерки кои недостигаат. Сепак, и покрај солидниот капацитет на трите пакети економски мерки за апсорбирање на економските последици од корона-кризата, остануваат неколку клучни области за делување чиј фокус е средниот до долгиот рок, и тоа:
  • Реализацијата на капиталните инвестиции. И покрај најавата за поголем интензитет на нивно извршување, проблемите сврзани со нив од претходните 2-3 години укажуваат дека без системско решение за планирање, приоритизирање, техничка подготовка и ефикасна реализација, интензивирање на капиталните инвестиции ќе биде скоро невозможно во тековниот конктест. Владата пропушти добра шанса во претходната година да го смени моделот на планирање и извршување на капиталните инвестиции.
  • Поддршка на извозно-ориентираните компании. И покрај повисоката претпоставена издржливост на овие компании на шокот од кризата, тие не смеат да бидат надвор од вниманието на носителите на политиките, особено во поглед на нивниот потенцијал преку прилагодувања и брзи преструктуирања да освојат нови пазари кои претходно биле опслужувани од компании лоцирани на подалечни пазари (првенствено во Југоисточна Азија) или да бидат поттик за прилив на нови инвестиции.
***
5. Мерки кои не може да се доведат во директна врска со корона-кризата. Сите мерки кои ја подобруваат конкурентноста на македонската економија се добредојдени и тие може да се важни за среднорочната фаза од заздравувањето. Меѓутоа, нивото ад-хок и директно поврзување со тековната корона-криза, како и наметнување без издржана кост-бенефит анализа и поширока општествена дебата, може да ги отвори прашањата за нивната ефикасност и оправданост на фискалниот трошок.

ФТ Став бр. 45 за овозможување владина помош во услови на отпуштање работници

Владата на Република Северна Македонија усвои Уредба според која условите за користење на мерката за финансиска поддршка на компаниите од 14.500 денари по вработен се унапредуваат со овозможување истовремено искористување на мерката за 50% субвенционирање на социјалните придонеси и со овозможување, под одредени услови, позајмените средства да се претворат во грантови средства. Овие дополнителни услови ќе овозможат понатамошно релаксирање на ликвидносните потреби во услови на економски шок од невидени размери.

Мерката се дополнува и со овозможување компаниите да испуштат одреден процент од работниците, зависно нивната големина, и и понатаму да може да ја искористат мерката, услов кој претходно не постоеше (член 6, став 2). Во нормални услови на работење, флуктуацијата на работната сила е вообичаен процес детерминиран од пазарните услови, и во такви околности отпуштањата се нормален процес. Сепак, моменталните околности се вонредни, а целта на мерките на владата за справување со економските последици од корона-кризата е задржување на работните места, преку обезбедување на ликвидноста во компаниите, односно субвенционирање на нивната кондиција да исплаќаат плати.

Finance Think укажува дека начинот на кој мерката е (ре)дизајнирана отвора простор за нејзина компромитација, во насока на максимизирање на отпуштањето на вработените според дадените максимални лимити на мерката. Ова особено ќе се рефлектира врз работниците на определено работно време.

Затоа, Finance Think апелира мерката да се дообмисли, со допуштање намален број работници по нејзиното користење само во случаи на:

  • пензионирање на работник;
  • смрт на работник;
  • отказ на договорот за вработување од страна на вработениот (член 79 од Законот за работни односи);
  • отказ на договорот за вработување од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски без отказен рок (член 82 од ЗРО, документирано во дисциплинска постапка);
  • спогодбено преземање работник(ци) кај друг работодавач;
  • престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда (член 102 од ЗРО);
  • престанување на важноста на договорот за вработување поради трајна неспособност за работа (член 103 од ЗРО).