По нападот врз Украина од страна на Русија кој отпочна утрото на 24 февруари 2022, Finance Think дава првичен став за економските последици за Северна Македонија.
Во поглед на директните економски последици, Северна Македонија е изложена на ограничени и главно незнајачни економски ризици поради ниската трговска поврзаност со Русија и Украина, како и опаѓачките тенденции на странските директни инвестиции од Русија во последните неколку години. Учеството на увозот и извозот со Украина и Русија во вкупниот увоз и извоз на Северна Македонија е во континуиран пад од 7.1% во 2000 година до 2.2% во 2013, за потоа да падне под 2%, а во 2019 година изнесува 1.8%. Структурно, најголем дел од увозот од Украина вклучува увоз на метали (преку 80%), додека извозот кон Украина се состои главно од хемиски материјали и електронска опрема (преку 60%). Дополнително, странските директни инвестиции од Русија бележат опаѓачки тренд и акумулираните СДИ како удел во БДП изнесуваат 30.3% во 2020 година (пад од 9.4% во таа година). Според ова, санкциите кон Русија, кон кои потенцијално ќе се придружи и Северна Македонија, ќе имаат лимитиран ефект врз македонската економија.
Поважен економски ефект за Северна Македонија од рускиот напад врз Украина е индиректниот.
Непосредно по нападот на 24 февруари 2022, светските финансиски пазари реагираа бурно, главно рефлектирајќи го шокот од брзината и ненадејноста на преземените дејства. Ова е првенствено важно за три главни групи добра сврзани со економиите на Русија и Украина: енергенсите, металите и храната.
Зголемувањето на цената на гасот, од кој европската економија е се` уште зависна во голема мера, ќе се одрази првенствено врз цените на сите други енергенси, вклучително и електричната енергија, која веќе беше под ценовен притисок поради недоволното производство од обновливи извори во текот на 2021 година.
Со оглед дека Русија е извозник на метали (никел, алуминиум, паладиум и др.), нарушувањето на снабдувањето се одразува врз нивните цени, што се надоврзува на проблемот со отежнатите синџири на снабдување како последница на ребалансирањето по пандемијата. Слично, Русија и Украина се извозници на житарици и сврзани добра, чии цени веќе беа под нагорен притисок. Врз цените на храната, преносните ефекти веќе во одредена мера постоеја и поради порастот на цените на енергенсите.
Оттука, краткорочниот економски ефект којшто индиректно е важен за Северна Македонија се притисоците врз цените кај споменатите производни групи, кои ќе постојат и со веројатност да се интензивираат.
Пошироките индиректни економски ефекти од новонастанатата ситуација зависат од интензитетот, обемот и траењето на нападот врз и воените дејства во Украина, како и од обемот и интензитетот на наметнатите санкции врз Русија од останатите меѓународни чинители. Сето тоа врши надолен и значаен притисок врз изгледите за растот на Европскиот континент, но и глобално. Северна Македонија е високо-зависна од европската економија, поради што падот на надворешната побарувачка неповолно ќе се одрази врз забавување на растот на БДП, а во услови на нагорни притисоци врз цените. Воено-тензичната ситуација ќе предизвика воздржаност на кредитните пазари и воздржаност од инвестициски потфати, што дополнително негативно ќе се одрази врз растот на европските економии.
Во овој првичен став, Finance Think проценува дека е неопходно будно следење на развојот на настаните и постојана пре-оценка на потенцијалните ефекти врз нашата економија, но во моментов на економски план не се потребни конкретни мерки или потези од домашните власти. Во случај на поинтензивно прелевање на негативните економски последици врз нашата економија, економските власти ќе треба да реагираат со мерки, слично како при првичната реакција на ударот од пандемијата во март-април 2020, но нивниот обем и таргетирање ќе зависи од тековните случувања кои може да се менуваат од минута во минута, како и од постојниот фискален простор кој денес е значајно потесен во однос на 2020.