Во услови на зголемени трошоци за живот, од особена важност е животниот стандард на граѓаните да се задржи. Во сегментот на социјалната заштита, односно социјалните надоместоци и пензиите, клучно е нивното усогласување со порастот на трошоците на живот. Според следната табела, усогласувањата на пензиите со трошоците на живот, како и ад-хок зголемувањата на пензиите во претходните две децении, овозможија порастот на пензиите да го следи или да го надмине порастот на трошоците на живот, и оттука, во целост да го заштити животниот стандард на пензионерите.
–
Усогласување или ад-хок зголемување на пензиите | ||||
Прво полугодие | Второ полугодие | Вкупно (прост збир) | Пораст на трошоците на живот во претходната година | |
2007 | 0.6% | 1.0% | 1.7% | 3.2% |
2008 | 13.0% | 7.7% | 20.7% | 2.3% |
2009 | 3.5% | 2.0% | 5.5% | 8.3% |
2010 | 0.3% | 1.1% | 1.4% | -0.8% |
2011 | 0.8% | 2.1% | 2.9% | 1.6% |
2012 | 0.3% | 1.4% | 1.7% | 3.9% |
2013 | 1.2% | 0.8% | 1.9% | 3.3% |
2014 | 5.0% | 0.0% | 5.0% | 2.8% |
2015 | 0.0% | 5.0% | 5.0% | -0.3% |
2016 | 0.0% | 5.0% | 5.0% | -0.3% |
2017 | 0.8% | 0.8% | 1.6% | -0.2% |
2018 | 1.7% | 1.8% | 3.5% | 1.4% |
2019 | 0.7% | 0.4% | 1.1% | 1.5% |
2020 | 5.0% | 0.6% | 5.6% | 0.8% |
2021 | 1.2% | 1.2% | 2.4% | 1.2% |
2022 | 2.9% | 6.8% | 9.7% | 3.2% |
2023 | 8.4% | 6.0%* | 14.4% | 14.2% |
Извор: ФПИОСМ и ДЗС.
* Очекуван раст. |
Истовремено, според Државниот завод за статистика (последен податок), пензионерите имаат стапка на сиромаштија од 7%, што е значајно пониска од вкупната стапка на сиромаштија од 21.8%, и уште пониска споредено со други општествени групи, како децата (30.3%), самохраните родители (41.6%) и многудетните семејства (45.6%). Лицата над 65 години кои живеат како самци имаат стапка на сиромаштија од само 4.1%.
–
Зголемувањата на пензиите, особено зголемувањата надвор од предвиденото законско усогласување со порастот на трошоците на живот и просечната плата, е неопходно да се гледаат низ призма на макро-стабилноста на пензиските финансии, односно дали Фондот за пензиско и инвалидско осигурување може стабилно и без ликвидносни проблеми да ги исплаќа преземените обврски кон пензионерите сега и во иднина.
––
Повремените зголемувања на пензиите надвор од законското усогласување, посебно кога тие беа големи и посебно во предизборни и изборни години, доведоа до значајно продлабочување на дефицитот на ФПИОСМ. Дефицитот на ФПИОСМ е делот кој Фондот не може да го покрие од изворни приходи – придонеси на плати, поради што дополнување прави централниот буџет. На следниот графикон е прикажано дека уделот на буџетските во вкупните приходи на ФПИОСМ забележа драматичен раст кој достигна кулминација во 2017 година и изнедуваше 43.6%. Тоа означува дека скоро половина од пензиските исплати се вршеа од општиот буџет на државата, односно се на товар на општото оданочување, што имплицира дека голем дел од расходите за пензии ги покриваат плаќачите на даноци од кои дел во иднина можеби и нема да бидат под капата на ФПИОСМ затоа што не се во осигуран работен однос.
–
Со реформата на пензискиот систем од 2019 година, која меѓу другото подразбираше и благо зголемување на стапката на пензиските придонеси во две последователни години, неодржливата патека на ФПИОСМ запре и уделот на буџетските во вкупните приходи почна да се намалува и моментално се движи околу една третина. За тогашната реформа, Finance Think се произнесе со свои сценарија и симулации кои беа претставени во Студија за политиките 14: Одржливост на пензискиот систем во Македонија: Сеопфатна анализа и предлог-реформа со МК-ПЕНС – динамички микросимулациски модел и последователно објавени во проминентното меѓународно списание Journal of Pension Economics & Finance.
Извор: ФПИОСМ и пресметки на Finance Think.
–
Оттука, за стабилноста на пензиските финансии и за добросостојбата на сегашните и идните генерации, вклучително и поради ризиците од дополнително подгревање на инфлацијата и инфлациските очекувања, од клучна важност е да продолжи патеката на стабилизација на ФПИОСМ. Тоа имплицира дека моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени.
–
Во контекст на општите движења во економијата, Finance Think забележува дека интензивирањето на барањата од страна на разни општествени групи за пораст на примањата (плати, пензии и сл.), е во еден дел водено од порастот на трошоците на живот, што е легитимно барање, но во друг значаен дел од поттикнувањето реторика дека платите може да пораснат без зголемување на продуктивноста, и од одлуката на Уставниот суд – и последователниот молк од страна на Владата – со која се одмрзнаа зголемувањата на платите на избраните и именуваните лица, што доведе до нивен кумулативен раст од 78%. За последново, Finance Think ја повикува Владата да изнајде итен и неодложен механизам за воспоставување на првобитната состојба и да отвори дијалог во рамки на кој ќе се дојде до прифатливо решение за разумен пораст на платите на функционерите.