Во својот ФТ Став. Бр. 57 за предложената даночна реформа од 12 август 2022 година, Finance Think заедно со Групата ЦИВИТАКС се произнесе по однос на тогаш-предложените даночни измени. Во точката 5, а во контекст на тогашната намера да се воведе прогресивен данок на доходот од труд, Ставот беше:

Ставот на [Finance Think] е дека во перспектива Северна Македонија треба да цели кон одредена прогресивност кај доходите на граѓаните и компаниите, меѓутоа оваа дебата треба да се отвори многу порано, најмалку на почетокот на годината, да трае, со вклученост на засегнатите страни и граѓанското општество, до постигнување целосно прифатливо решение. Притоа, инсистирање на решение за прогресивен данок на доход во услови на повеќекратна криза, во овој период во која земји како Шпанија и Полска воведуваат дополнителен данок на екстра-профитабилни дејности кои таквите профити ги оствариле во време на криза, е најблаго речено поразително за носителите на политиките.

Уште во декември 2022 година, Владата ја отвори дебатата за воведување данок на ектра профит, под назнаката солидарен данок, а веќе предлог-законско решение беше доставено со парламентот на почетокот на 2023 година, по чие неусвојување, владата одлучи да го поднесе повторно во забрзна постапка во јули 2023 година.

Во 2022 светот, а посебно Европскиот континент и, оттука, Северна Македонија искусија значајно зголемување на цените на основните прехранбени производи и енергијата. Тоа придонесе фирмите кои ги произведуваат и/или преработуваат овие производи да остварат вонредно високи профити. Данокот на екстра профит во вакви околности, односно кога се остваруваат високи профити поради пазарната конјунктура, а не поради специфични фактори за фирмата, е оправдан.

Сепак, во контекст на намерата на владата да воведе данок на екстра профит во јули 2023 за профитот остварен во 2022 година, критични се две точки:

  1. Начинот на кој е конципиран, предлог-Законот за солидарен данок не може прецизно и до крај да го опфати екстра профитот кој резултирал од пазарната конјунктура. Поточно, во моменталниот дизајн, ќе се појават две групи фирми чие (не)оданочување прави индивидуална или општествена штета:

 

    • Од една страна, зафатени ќе бидат и фирми кои оствариле вонреден профит како резултат на свои специфични фактори (претходни инвестиции, освоени нови пазари, подобрена продуктивност и ефикасност итн.),

 

    • Од друга страна, ќе бидат изоставени фирми, па дури и цели сектори, кои во континуитет имаат високи профити вклучително и поради пазарната структура, но кои нема да потпаднат под овој данок бидејќи нема да го исполнат условот за пораст на профитот за најмалку 20% над просекот од претходните години.

 

2. Законот ќе има ретроактивно дејство, што – надвор од правниот момент – не е добра пракса и оневозможува предвидливост и можност за адекватно планирање. За предвидливост и планирање, дискусијата денес може да се однесува за евентуална интервенција кај кој било данок почнувајќи од 2024 година па натаму.

Recommended Posts