Уште во декември 2020, Finance Think ја нагласи потребата од дизајнирање мерки кои ќе претставуваат транзиција од фаза на амортизирање на загубите во фаза на поддршка на економското закрепнување (види Студија за политиките бр. 33 од 29 декември 2020). Пролонгирањето на КОВИД-19 кризата ја отежнува транзицијата кон економско закрепнување.
Петтиот пакет мерки поврзани со кризата со КОВИД-19 е комбинација од мерки кои ги амортизираат загубите (мерки со социјален карактер) и стимулираат економско закрепнување (мерки со развоен карактер). Додека самото објавување на петтиот пакет мерки може да создаде позитивен сентимент во економијата, соодветната реализација е клучна за ефективноста на мерките (види Бриф бр. 44), поради што апелиравме во почетокот на јануари 2021 дека брзоплетото донесување следен пакет мерки без да се има предвид капацитетот за реализација на претходните и новите мерки, носи ризик од нецелосни резултати.
Во таа смисла, подолгиот период на осмислување пакетот да одговара со тековната фаза на економијата, консултациите и сведувањето на обемот (во смисла на финансиската рамка) на пакетот на реалните околности, споредено со претходните четири пакети, се чекори за поздравување.
Finance Think ги дава следните ставови по однос на одделните групи мерки во рамки на петтиот пакет:
- Субвенционирање плати „14.500 МКД по работник“ и бескаматни кредити насочени кон најпогодените. Поради пролонгирање на КОВИД-19 кризата, ликвидноста на компаниите е се’уште загрозена, ставајќи во опасност голем број работни места. Finance Think укажа дека е рано да се укине мерката за субвенционирање на плати поради нејзината значајност во спасувањето на работните места (види Бриф бр. 41) и ја поздравува одлуката на Владата да ја продолжи мерката за месеците февруари и март 2021. Според нашите пресметки од 14 јануари 2021, опфатот на мерката ќе биде околу 68.000 работници, со месечен трошок од 16.7 милиони евра, односно 33.3 милиони евра за двата месеца, што е во линија со проекциите на Владата. Притоа, под претпоставка дека процесот на вакцинирање значајно ќе напредува до јуни 2021, Finance Think укажува дека помошта преку мерката „14.500 МКД по работник“ за овие два месеци треба да се смета за последна.
Исто така, Finance Think смета дека исклучивоста помеѓу мерките „субвенции за плати од 14.500 МКД по работник“ и „бескаматни кредити за најпогодените сектори“ е соодветна. Но, укажува дека двете мерки не се неопходно целосно заменливи. Бескаматните кредити се однесуваат повеќе на фазата на закрепнување, фаза во која се’уште не се наоѓаат значаен дел од компаниите во туризмот и угостителството и дел од компаниите во некои гранки од преработувачката индустрија (кои тргуваат со земји кои се се’уште во значаен локдаун). Бескаматните кредити би предизвикале поттик во унапредувањето на технолошкото ниво, посебно кај извозниците во преработувачката индустрија (види Бриф бр. 47). Дополнително, бескаматни кредити како замена за поддршка на платите може да се понудат само со исклучително строга контрола на трошењето на тие средства за задржување на работниците, за што државата ќе треба да потроши многу ресурси (интензивен ангажман на Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд), но без гаранција за крајниот ефект.
- Укинување и намалување на царински стапки и ревидирање на Царинскиот тарифник. Finance Think ја поздравува оваа мерка која е во линија со нашите препораки од Студијата за политиките бр. 33. Укинувањето и намалувањето на царинските стапки и усогласувањето на царинските стапки согласно ЕУ би предизвикало зголемување на инвестициите, производството и конкурентноста на извозниците во Северна Македонија. Дополнително, тие би ја направиле земјата поатрактивна дестинација за привлекување нови производни линии од матичните компании на извозниците присутни во Северна Македонија. Оваа мерка во иднина би можела да биде надополнета со укинување или намалување на увозни давачки за набавки на машини и опрема, што дополнително би ги зголемило инвестициите и конкурентноста на компаниите (види Бриф бр. 47).
- Фонд за поддршка на извозни компании, грантови за технолошки развој преку ФИТР, кредитни гаранции за мали и средни компании и мерки за дигитализација. Овие мерки се исклучително значајни, со оглед дека содржат развојна компонента. Иако извозниците значајно ги амортизираа загубите во доходот, посебно поради шоковите во надворешната трговија, сепак се соочија со одредени ограничувања (види Бриф бр. 45). Фондот за поддршка на извозните компании треба да ги има предвид тие ограничувања при канализирањето на поддршката. На пример, кредитните гаранции ќе овозможат надминување на ограничувањата во пристапот до финансии. Грантовите за технолошки развој би биле комплементарни на бескаматните долгорочни кредити при стимулирањето на технолошкиот напредок на компаниите. Мерките за дигитализација треба да го искористат притисокот од пандемијата врз компаниите да имплементираат долгорочни решенија за овозможување „работа од дома“, online продажба и др.
- Простување долгови. Finance Think укажува на потребата од голема внимателност при дизајнирањето на ваков тип мерки. Додека простувањето долгови може да биде есенцијално во амортизирањето на загубите и за товарот врз ликвидноста во текот на пандемијата, овие мерки се подложни на морален хазард. Ваквите мерки може да го променат однесувањето на примателите на помошта во поглед на нивната зависност од неа и нивно идно поризично однесување очекувајќи дека повторно ќе добијат ваква помош.
- Поддршка на тутунари и извозници на грозје. Finance Think смета дека парцијалната поддршка на земјоделците создава погрешни очекувања за постојана компензација на незадоволството од пазарните услови кај одделни групи производи, за коишто пак и не постои гаранција дека се тесно и директно поврзани со Ковид-19 кризата. Наместо тоа, кон фактот дека земјоделскиот сектор беше еден од најпогодените од кризата треба да се пријде со прилагодување на тековните мерки, за тие да ги опфатат и земјоделците, особено мерката „14.500 МКД по работник“, како и кредитните гаранции, фондот за извозници и евентуално воспоставување еднократни грантови за мали земјоделски стопанства. Овие препораки може да се видат во нашиот Бриф бр. 46.