На 30 мај 2024 година Finance Think го организираше Економскиот форум „По бурата: Управување со прехранбената и енергетската стабилност во Западниот Балкан“, чија цел е да се презентираат нови наоди за ефектите од неодамнешната криза со цените на храната и енергентите, потпирајќи се на Студиите на политиките за Западен Балкан, со осврт на четири клучни аспекти: егзистенцијата на домаќинствата, конкурентноста на компаниите, фискалниот простор и регионалната интеграција (линк до сумираниот дел и студиите). На настанот дополнително се дискутираше за патоказ со следни потребни мерки и акции за обезбедување самоодржливост и отпорност на шокови за земјите од Западен Балкан.
Енергетската криза предизвика драматичен раст на цените на енергентите во земјите од Западен Балкан. Покрај големата зависност од фосилните горива и увоз на електрична енергија, неефикасностите во енергетската потрошувачка дополнително го продлабочија проблемот. За разлика од ЕУ, земјите од Западен Балкан трошат 50% повеќе енергија за да произведат еднаков обем на БДП. Во текот на последните 6 години, регионалните капацитети за обновлива енергија растат речиси три пати побавно отколку во ЕУ.
Оваа криза која се надоврза на пандемиската криза се одрази и врз сиромаштијата во регионот. Во случајот на Босна и Херцеговина, зголемување од 17.4% на цените на електричната енергија придонесе кон зголемување од 4 процентни поени на стапките на сиромаштија на поединците и домаќинствата, при што нискодоходните домаќинства беа особено погодени.
За да се справат со неповолните ефекти од кризата, владите на земјите од Западен Балкан воведоа анти-кризни мерки за домаќинствата во проценет износ од 3.5 милијарди долари во Западниот Балкан, што го влоши и онака истрошениот фискален простор. Во Северна Македонија, субвенциите за електрична енергија за домаќинствата достигнаа 3.2% од БДП, со што значително го оптоварија буџетот и потенцијално придонесоа кон намалување на расходите за социјална и здравствена заштита. Позитивен исход од овој период е фактот што во среднорочните фискални стратегии на земјите од Западен Балкан се предвидуваат и поголеми инвестициски планови за развој на енергетскиот сектор, што се клучни за спречување на идни шокови од ваков тип, како и за намалување на дополнителниот пристикок врз фискалната политика.
Кристин Мелсом, амбасадорка на Кралството Норвешка, надлежна за Северна Македонија, Србија и Црна Гора, истакна: „Западен Балкан во моментов се соочува на критична точка, при што нестабилноста во храната и енергијата претставуваат значителна закана за економската стабилност на регионот. И SMART Balkans проектот и FINANCE THINK ги идентификуваа овие несигурности како итни прашања кои ги засегаат сите сегменти на општеството, вклучително и егзистенцијата на домаќинствата, конкурентноста на фирмата, фискалниот простор и регионалната интеграција. Експертите ја истакнаа потребата на Западен Балкан за инвестиции во енергетска инфраструктура и поддржувачки институции и политики за да се обезбеди сигурна, достапна и одржлива енергија. Главните причини за несигурноста на храната во Западен Балкан доаѓаат од економската нестабилност, еколошките предизвици и социјалните разлики. Високите стапки на невработеност и нискиот БДП по глава на жител ја ограничуваат куповната моќ на домаќинствата, ограничувајќи го пристапот до хранлива храна. Временските неприлики и природните катастрофи дополнително влијаат на производството и дистрибуцијата на храна. Решавањето на овие причини бара напори за зајакнување на економскиот раст, зајакнување на земјоделската отпорност и промовирање на социјалната правда“.
Дајана Цвјетковиќ, Проектен менаџер на СМАРТ Балканс, сподели „Горда сум што проектот SMART Balkans ја препозна важноста на проектот Совршената бура: Несигурностите во храната и енергијата ги загрозуваат економиите на Западен Балкан. Се охрабрувам кога гледам многу луѓе кои се заинтересирани за оваа тема и работа на тинк тенк организациите здружени околу овој проект. Методологијата и пристапот претставуваат голем придонес за посилни, поодржливи и поживи граѓански организации кои работат во регионални партнерства за да влијаат на политиките во однос на стабилноста на храната и енергијата во Западен Балкан. Брилијантните умови на овој конзорциум се посветени на генерирање докази и поттикнување политички дијалог за прехранбената и енергетската несигурност низ целиот регион“
Благица Петрески, Извршен директор на Finance Think, потенцираше: „Во поглед на предизвиците, на нашиот пат кон закрепнување, потребно е да се стави фокус на градење отпорни и одржливи економии. Потребна ни е таргетирана социјална поддршка и стабилизација на цените на енергентите како критични мерки за ублажување на негативните ефекти од енергетската криза врз егзистенцијата на домаќинствата.“
Економскиот форум се организира во рамките на проектот „Совршена бура: Прехранбената и енергетската несигурност ги загрозува економиите на Западен Балкан“, поддржан од СМАРТ Балканс – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка. Линкот до целиот настан е овде.